Од 5 до 7 декември 2025 година, по седми пат, Викимедија МКД го организираше вики кампот во Попоа Шапка– тридневен собир на ученици, членови на вики клубовите од повеќе градови низ Македонија. Овие млади ентузијасти, дел од образовната програма на здружението, повторно ги здружија своите сили за да создадат нови содржини на македонски јазик на слободната интернет-енциклопедија.

Локацијата на овогодинешниот камп беше хотелот „Арена“ на Попова Шапка, место што им овозможи на учесниците истовремено продуктивна, поттикнувачка и пријатна работна атмосфера. Во духот на соработка, дружење и меѓусебна поддршка, 43 учесници ги поминаа трите дена создавајќи статии, разменувајќи знаење и градeјќи вештини за критичко и слободно информирање. Овој камп останува единствен настан од ваков вид во земјава посветен токму на младите љубители на знаење.
Како и секоја година, кампот беше тематски. Тема на ова издание беше „Занаети во светот“ – избор кој им овозможи на учесниците да навлезат во богатата традиција, разновидност и значење на занаетчиството во различни култури. Нивната посветеност резултираше со создавање 243 нови статии на македонски јазик, со што значително се збогати содржината на Википедија и се отвори простор за нови знаења. Најдобрите 5 ученици кои напишаа најмногу статии, добија вредни награди-смарт часовници од Викимедија МКД.

Покрај практичната работа, кампот имаше и силен едукативен карактер. Учесниците присуствуваа на предавања, дискусии и работилници, преку кои не само што ги унапредија своите вики-вештини, туку стекнаа и подлабоки сознанија за занаетите како дел од светското културно наследство. Предавања одржаа м-р Ненад Шундовски, Орце Нинески-координатор на ГЛАМ програмата на Викимедија МКД, како и Лили Арсова, координатор на Вики клуб Велес. Свои обраќања имаа и претседателот на здружението, м-р Николче Стојаноски, како и извршната директорка на Викимедија МКД, Снежана Штрковска.
На крајот, вики кампот уште еднаш покажа дека кога младите се здружени околу идејата за слободно знаење, резултатите се импресивни и трајни. Настанот остави силен печат, поттикнувајќи ги учесниците и понатаму да создаваат и го градат дигиталниот свет како место достапно за сите. Викимедија МКД со гордост продолжува да ја одржува оваа традиција, градејќи заедница што верува во моќта на знаењето – слободно, отворено и споделено.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.
